Американскиот претседател, Доналд Трамп во неделата ги отфрли резултатите од анкетата според која предност во претседателската трка има неговиот ривал, Џо Бајден.

Тој исто така изјави дека не знае дали ќе ги прифати резултатите од изборите во ноември.

– Прво и најважно, јас не губам бидејќи ова се анкети без никаква врска – рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“.

Според студијата која оваа телевизија ја објави во неделата, Бајден има поддршка од 49 проценти од гласачите, а Трамп е поддржан од 41 процент од гласачкото тело.

– Јас не сум добар губитник. Не сакам да губам. Не губам премногу често. Едноставно не сакам да губам – рече Трамп.

На прашањето дали ќе ги прифати резултатите од изборите ако победи Бајден, Трамп одговори „треба да видам под какви околности, нема да кажам само да“.

Тој, исто така, ги оспори менталните способности на неговиот ривал, тврдејќи дека Бајден е неспособен да состави две реченици.

На прашањето дали смета дека Бајден е сенилен, тој одговори дека не сака да го коментира тоа, но дека смета оти демократскиот кандидат не е компетентен да биде претседател.

– За да си претседател, мора да си остар, директен, силен и многу други работи, а тој дури не ни излегува од својот подрум! Така не се води кампања – рече Трамп, додавајќи дека не се сомнева во победа на изборите.