Изборниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп даде три милиони долари за пребројување на гласовите во две области во сојузната држава Висконсин, каде што тој тврди дека се забележани „најлошите неправилности“, иако тамошните власти велат дека немаат докази за тоа.

Трамп плати за пребројување на гласовите во Милвоки и Дејн и планира да ја достави потребната документација денес за да започне постапката за броење. Во тие две изборни единици, противникот на Трамп, демократот Џозеф Бајден, доби повеќе гласови.

Според податоците доставени од локалните власти, Бајден освоил 577.455 гласови во тие две области, а Трамп 213.157. Бајден инаку победи во целата држава Висконсин. Пребројувањето може да започне утре доколку се одобри постапката.

Иако Трамп и другите републиканци тврдат дека имало неправилности, изборната комисија во Висконсин и локалните власти тврдат дека нема извештаи за некои поголеми проблеми или прекршувања.