Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска  во Хелсинки дека не гледа причина да верува дека Русија ги хакирала претседателските избори во 2016 година за да му помогне да победи, а Владимир Путин „беше исклучително силен и моќен во неговото негирање денеска”.

– Претседателот Путин беше исклучително силен и моќен во неговото негирање денеска, рече Трамп на прес-конференција по средбата со Путин во Хелсинки.

Трамп изјави дека го покренал прашањето за наводното руско мешање на американските избори во разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.

– Поминавме многу време разговарајќи за тоа. 

Путин го негираше таквото мешање, велејќи дека обвинувањата се „целосна глупост”.

– Руската држава никогаш не се меша и нема да се меша во внатрешните прашања на САД, вклучувајќи го и изборниот процес, рече Путин на прес-конференцијата.

Путин потенцираше дека е подготвен да соработува со САД за „да ги анализираат заедно” сите конкретни материјали поврзани со наводното мешање во изборите.

– На пример, ние можеме да ги анализираме преку заедничката работна група за сајбер-безбедност, за чие воспоставување разговаравме за време на нашите претходни контакти, рече рускиот претседател.