Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нема да одговори на повикот да сведочи на судењето за отповикување во американскиот Сенат, кое започнува следната недела, изјави неговиот советник Џејсон Милер, оценувајќи го процесот како неуставен.

Демократите во Претставничкиот дом, кои имаат улога на обвинител во претстојното судење на Доналд Трамп во Сенатот, побараа од поранешниот претседател на САД следната недела да сведочи за неговите постапки пред стотици негови приврзаници да извршат смртоносен напад врз Капитол, пренесува „Ројтерс“.

Правните советници на Трамп не прецизираа дали поранешниот претседател ќе одговори на поканата, наведувајќи дека обвинувањата против нивниот клиент се неосновани.

Минатиот месец Претставничкиот дом го отповика Трамп под обвинение за поттикнување бунт за време на говорот пред Белата куќа во кој ги повика своите приврзаници да се „борат“ против неговиот пораз на изборите.

По обраќањето на Трамп, приврзаниците на Трамп насилно упаднаа во комплексот на Капитол во САД за да спречат потврда на победата на претседателот Џо Бајден и се судрија со полицијата, додека членовите на Конгресот беа принудени да се засолнат.

За време на насилството загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец.

Адвокатите на Трамп оваа недела ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека Трамп совесно ја извршувал должноста претседател.

Тие наведуваат дека тврдењата на Трамп дека бил поразен на изборите поради измама се заштитени со првиот амандман на американскиот Устав, кој гарантира слобода на говор.