Жестока реакција на својот профил на Твитер поради започнувањето на главната расправа за отповикување во Конгресот, објави американскиот претседател Доналд Трамп. Во неговата објава стои дека е револтиран од „ужасните лаги“ на како што тој ги нарече, демократите-безделници и дека оваа нивна постапка е напад врз Америка и Републиканската партија.

Претставничкиот дом во американскиот Конгрес почна расправа за отповикување на американскиот претседател по две точки од обвинението според кои се товари за злоупотреба на службената положба и поради опструкција на Конгресот.

По отворањето на расправата, претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, рече дека Трамп спровел кампања без преседан, во која се обидел да го попречи процесот за импичмент.

Таа го обвини Трамп дека ги злоупотребил своите овластувања за лична корист, а на штета на националната безбедност на САД.

Републиканците, пак, остро се спротивставуваат и ја отфрлаат процедурата за отповикување на претседателот на САД.

Конгресмените имаат вкупно шест часа за расправа, по три за секоја страна, по што би требало да се гласа. Ако се суди по гласањето за процедурални прашања, каде што сите конгресмени гласаа по стриктно партиски линии, претседателот Трамп ќе биде отповикан, со оглед дека демократите имаат мнозинство потребно за отповикување.

Јавноста е исто така поделена по ова прашање. Според најновата анкета на Си-ен-ен, 45 отсто од испитаниците се за импичмент на Трамп, а 47 отсто се против.