Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би било многу поразумно Русија да ја промовирала Хилари Клинтон како кандидат за претседател на САД на изборите во 2016 година, наведувајќи дека таа би го отежнала американското дупчење на нафта и гас, со што би ја зајакнала позицијата на Москва на глобалниот енергетски пазар.

– Гледајќи на друг начин, Русија попрво би сакала да ја има Хилари отколку Доналд Трамп. Тоа можам да ви го кажам сега – изјави Трамп во интервју за „Фокс њуз“.

Тој во првото интервју по објавувањето на резултатите од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводното мешање на Русија во претседателските избори 2016 година, оцени дека таа била непотребна и дека фокусот на сомнеж би требало да биде „на другата страна“.

Трамп го нападна тимот на Малер, наведувајќи дека него го промовирале поддржувачите на Хилари Клинтон и оти е дел од поголема кампања на демократите насочена против него.

– Ќе ви го кажам ова за Русија, ако имаа нешто против мене, одамна ќе излезеше на виделина – рече Трамп.

Истрагата за наводното руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година заврши минатиот петок, а државниот обвинител Вилијам Бар објави дека специјалниот обвинител не можел да најде докази за заговор или координација помеѓу изборниот штаб на Трамп и Русија.