Американскиот претседател, Доналд Трамп, преку својот Твитер објави дека ѝ дал зелено светло на американската морнарица да ги нападне и да ги уништи малите ирански воени бродови ако почнат да ги вознемируваат американските воени бродови.

Американската морнарица во повеќе наврати се пожали дека иранските патролни чамци опасно се приближуваат до нејзините разорувачи и носачите на авиони кои патролираат во регионот на Персискиот Залив.

На 15 април американската армија објави дека група од 11 бродови на ИРЦГ ги вознемирила американските воени бродови во северниот дел од Персискиот Залив.

– Бродовите на морнарицата на ИРГЦ постојано ги провоцираат американските бродови со екстремно доближување со голема брзина – се вели во соопштението на Централната команда на американските воени сили.

Трамп и претходно го постави прашањето за иранските патролни чамци кои наводно ги провоцираат американски бродови. Тој побарал од поранешниот началник на Пентагон, Џејмс Матис, план за справување со иранските бродови.

Судир меѓу американските воени бродови и иранските патролни чамци може потенцијално да доведе до нова рунда тензии меѓу двете страни само четири месеци откако беа на работ на отворен воен конфликт.

Најновата ескалација се случи откако американските воздушни сили го убија иранскиот генерал Касем Сулејмани во воздушен напад во Ирак на 3 јануари годинава.