Претседателот на САД, Доналд Трамп испрати писмо до албанскиот премиер Еди Рама по протерувањето на иранскиот амбасадор во Тирана, Голамхошеин Мохамадниа и уште еден дипломат, под обвиние „за терористички заговори на територија на Албанија“.

Писмото го објави американската амбасада во Тирана, која ја пофали албанската Влада за акциите против иранскиот режим.

Амбасадата изразува поддршка за Албанија, нарекувајќи ја стратешки сојузник.

Во писмото, претседателот Трамп му се заблагодарил на премиерот Рама, нагласувајќи дека протерувањето е „пример за нашите заеднички напори да и покажеме на иранската Влада дека нејзините терористички акции во Европа и светот ќе имаат сериозни последици “.

И советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон изрази поддршка за премиерот Еди Рама и албанскиот народ во борбата против тероризмот.

Болтон на Твитер напиша дека премиерот Еди Рама го протерал иранскиот амбасадор сигнализирајќи им на иранските водачи дека поддршката на тероризмот нема да се толерира. Тој изрази силна поддршка и го нарече „опасно“ однесувањето на Иран кон Европа и светот.

Протерувањето на иранските дипломати од Тирана го поздрави и амерканскиот државен секретар Мајк Помпео, оценувајќи дека „светот треба да биде обединет во санкциите кон Иран, со цел да го смени однесувањето“.