Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека неговата „историска средба“ со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун сепак ќе се одржи, како и што беше планирано, на 12 јуни во Сингапур.

Трамп денеска во Белата куќа се сретна со специјалниот севернокорејски пратеник Ким Јонг-чол, кој му врачи писмо од Ким Џонг-ун.

Во изјава по едночасовата средба со Ким Јонг-чол, Трамп порача дека нејзина цел била „запознавање со состојбата“

Американскиот претседател оцени дека односите меѓу САД и Северна Кореја „се развиваат“,  додавајќи дека на средбата со севернокорејскиот лидер гледа како на „почеток на еден процес“.

– Мислам дека тоа ќе биде голем успех, нагласи Трамп.

Како што јави ДПА, тој истакна дека со Ким Јонг-чол разговарале за „неколку работи“, меѓу кои и за „стотиците санкции“ што Вашингтон би можел да ги воведе кон Северна Кореја, доколу дипломатијата не вроди со плод, како и за можноста за потпишување формален документ за завршување на Корејската војна.

Американскиот претседател соопшти и дека се уште не го отворил писмото од Ким Џонг-ун, додавајќи во шега дека тоа „може да биде големо изненадување“.

Трамп минатиот четвртокот ја откажа неговата претходно најавена средба со севернокорејскиот лидер, закажана за 12 јуни во Сингапур,  поради, како што нагласи, „огромниот гнев и отвореното непријателство на Ким Џонг-ун во неговата неодамнешна изјава“.

– Се радував однапред дека ќе бидам таму со вас. За жал, поради огромниот гнев и отвореното непријателство манифестирано во последната изјава, сметам дека е непримерно, во овој момент, да се одржи овој долго планиран состанок, напиша Трамп во писмо упатено до  севернокорејскиот лидер, со кое ја откажа средбата.

Сепак Трамп уште следниот ден порача дека сепак е можно да се сретне со Ким на 12 јуни во Сингапур, како и што беше планирано.

Ким Јонг-чол, кој е поранешен раководител на севернокорејската разузнавачка служба, вчера во Њујорк за можностите за одржување на Самитот меѓу САД – Северна Кореја разговараше со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

По средбата Помпео изјави дека на разговорите бил постигнат „добар напредок“ во врска со одржувањето на средбата меѓу Трамп и Ким.