Американскиот претседател Доналд Трамп, против кого во американскиот Конгрес е покрената постапка за отповикување зошто побарал од украинскиот колега да поттикне истрага за неговиот политички ривал Џо Бајден, денеска рече дека е подготвен слично барање да упати и до кинескиот претседател.

„Кина треба да покрене истрага за Бајден“, изјави Трамп за новинарите пред Белата куќа, а пренесе агенцијата АП.

Трамп рече дека не побарал директно од кинескиот претседател Шји Џјинпинг да го испита дејствувањето на Бајден и неговиот син Хантер, но рече дека тоа е секако нешто за што би можел да почне да размислува.

Во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во тек е истрага што може да доведе до отповикување на Трамп, откако протекоа информации дека тој вршел притисок врз неговиот украински колега Володимир Зеленски, за да го испита работењето на Хантер Бајден, син на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, односно неговото работење во украинска компанија за гас во времето кога татко му бил потпретседател.

„Вашингтон пост“ вчера објави дека Хантер Бајден формирал приватен фонд со инвестиции од кинески фирми кога со неговиот татко бил во официјална посета на Пекинг во 2013 година.

Според АП, нема докази дека поранешниот потпретседател остварил финансиски профити преку деловните контакти на неговиот син.

Хантер Бајден бил во бордот на директори на украинска нафтена компанија истовремено додека неговиот татко, под администрацијата на Барак Обама, управувал со односите меѓу Вашингтон и Киев.

Иако тајмингот ги загрижува борците против корупција, засега нема докази дека поранешниот потпретседател на САД и демократски кандидат за претседателските избори во 2020, заедно со неговиот син дејствувале незаконски.