По долгогодишното заладување на односите од страна на Вашингтон кон Унгарија, премиерот Виктор Орбан ќе ја посети Белата куќа за да се состане со американскиот претседател Доналд Трамп на 13 мај, информира „Гардијан“.

Унгарските власти денес ја најавија средбата, а портпаролот на Орбан напиша на Твитер дека „енергетската безбедност, соработка за одбрана, билатералните односи и безбедноста на регионот“ ќе бидат дел од темите на кои ќе разговараат двајцата лидери.

– Се што можеме да кажеме денес е дека тие не поканија и ние ја прифативме нивната поката – рече Орбан на заедничката прес-конференција со министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини.

Заладените односи на САД и Унгарија се од времето на владеењето на Барак Обама, кога Стејт департментот често и жестоко ја критикуваше владата на Орбан за ослабувањето на демократијата и владеењето на правото, како и загрижувачките индиции за слободата на медиумите и корупцијата во земјата. Премиерот Орбан е на власт во земјата од 2010 година.

Но, администрацијата на Трамп има целосна промена во реториката и пристапот кон Унгарија, која беше укажана со назначувањето на Дејвид Корнстајн, 80-годишен мангат кој е во бизнисот со дијаманти и близок пријател на сегашниот претседател на САД, како амбасадор.

Корнстајн пристигна во Будимпешта со цел да изгради пријателски односи со Орбан, покрај незадоволството на повеќе дипломати во Стејт департментот. Новиот амбасадор на САД во Унгарија јавно го фалеше Орбан, а САД го прекина и грантот од 700 илјади долари кој беше најавен во 2017 година за подобрување на независноста на медиумите во земјата, кој наводно ги иритирал унгарските власти.

– Со јасната анти-миграциска политика на Орбан и бескрајните комплименти за политиките на Трамп, постои можност од оваа средба да се роди ново пријателство и врска меѓу двата лидери – констатираат од „Гардијан“.