Понудата на францускиот лидер по сѐ изгледа има цел да го задоволи незадоволството на Трамп, кој се заканува дека ќе го напушти договорот со Иран, оценуваат светските медиуми

Францускиот претседател Емануел Макрон предложи постигнување нов договор за Иран, кој би го „дополнил“ постојниот договор за иранската нуклеарна програма. За сегашниот договор со Техеран, Макрон, на средбата со американскиот колега Доналд Трамп, порача дека е недоволен. Понудата на францускиот лидер по сѐ изгледа има цел да го задоволи незадоволството на Трамп, кој се заканува дека ќе го напушти договорот со Иран, оценуваат светските медиуми.

На средбата од Вашингтон, која е дел од неговата тридневна државна посета на САД, Макрон изјави дека не е тајна дека двајцата претседатели не се согласуваат за иранската спогодба, но истакна дека Франција „посакува да работи на нов договор со Иран“. Тој го оцени сегашниот договор како „недоволен договор“, но рече дека двајцата лидери воделе искрени разговори за ова прашање. Макрон истакна дека Франција сака да работи на нов договор со кој ќе се блокира целата нуклеарна активност на Иран до 2025 година, а во кој исто така ќе бидат вброени и активностите на Техеран во регионот.
Истовремено, Трамп експлицитно го повика Иран за неговата улога во развојот на нуклеарно оружје.

– Каде и да одите на Блискиот Исток, на проблемите ќе ги видите отпечатоците на Иран – порача шефот на Белата куќа.
Британски „Гардијан“ наведува дека понудата на Макрон е добро пресметана, за да го задоволи незадоволството на Трамп од, според него, постојниот лош договор за иранската нуклеарна програма. Според весникот, францускиот предлог има цел да го спаси договорот со Техеран од 2015 година, кој му е трн во око на американскиот претседател. Па, така, неизвесно е дали понудата на Макрон за поширока иницијатива за справување со другите предизвици од Иран во регионот, особено програмата за балистички проектили и улогата во Сирија, ќе успее да го задоволи Трамп.

Што се однесува на ситуацијата во Сирија, Макрон изрази надеж дека заеднички може да се најде долгорочно решение за таа земја. Тој рече дека меѓународните партнери треба да го „освојат мирот“ во регионот. Трамп, пак, ја истакна улогата на Франција во коалициските воздушни напади во Сирија, кои беа изведени како одговор на употребата на хемиско оружје во регионот. Според него, коалицискиот напад врз сириските цели за хемиско оружје претставува силна пречка за нивната идна употреба.

Во меѓувреме, експертите оценуваат дека изборот на Макрон за почесен гостин во првата државна посета на САД во ерата на Трамп ги заокружи успешните напори на францускиот претседател да создаде блиски лични односи со американскиот колега.
– Мислам дека претседателот Макрон е навистина поефикасен во остварувањето блиски односи со Доналд Трамп – истакнува Џулиен Смит, бивша заменичка на советникот за национална безбедност на американскиот потпретседател Џо Бајден.
Според Дојче веле, посетата на Трамп и на првата дама Меланија на Париз, која вклучуваше и блескава вечера на Ајфеловата кула, која Макрон ја нарече „вечера меѓу пријатели“, дефинитивно остави впечаток, а за тоа доказ е сегашната посета на Макрон на Вашингтон.

– За разлика од претстојното кратко патување на Меркел, посетата на Макрон потврдува дека на него во Вашингтон, барем во смисла на симболичната политика, се гледа како на двигател на Европа, на лидер – оценува Џефри Андерсон, директор на Центарот за германски и европски студии на универзитетот „Џорџтаун“.
Германската агенција потсетува дека брзиот подем на Макрон коинцидира со подолгото отсуство на Меркел од меѓународната сцена поради резултатите од германските избори, кои го искомпликуваа формирањето нова влада, но и ја ослабеа нејзината позиција на домашната сцена. Но експертите посочуваат дека причините за подемот на Макрон и очигледно комплицираните односи меѓу Меркел и Трамп се од постар датум, велат набљудувачите на трансатлантските односи. Тие истакнуваат дека Меркел како лидер и Германија како држава долго беа цел на критики, најпрво на претседателскиот кандидат, а потоа и на претседателот Трамп, за многу теми, како на пример миграциите, трошоците за одбрана и германскиот трговски суфицит со САД. На тоа треба да се додадат и видливите тешкотии во личните односите меѓу Меркел и Трамп.

– Невозможно е со сигурност да се каже, но може да се претпостави дека претседателот има проблеми во односите со многу силни женски лидери – вели Смит.
Сепак, клучно е прашањето дали Макрон ќе може да ги исползува личните врски со САД за остварување опипливи резултати за француските интереси.
– Големо прашање е дали тие лични односи навистина значат нешто и дали Макрон поради успешното создавање лична врска со Трамп ќе оствари резултати што ќе бидат поинакви од оние кон кои се стреми Меркел – посочува Џеф Ратке, директор на европската програма на Центарот за стратегиски и меѓународни студии.

Судејќи според изјавите на Трамп по средбата со Макрон, не изгледа дека е така. Според Дојче веле, за четирите клучни прашања – иднината на Иранскиот нуклеарен договор, продолженото американско воено присуство во Сирија, Парискиот договор за климата и американските царини кон Европа – Трамп остана цврсто на своите позиции и сугерираше дека не е расположен за компромиси.
– Макрон е во тешка позиција, бидејќи тој јасно сака да дојде во Вашингтон и да покаже дека овие блиски односи со Трамп се исплатуваат – додава Смит.


Дипломатијa на допири

Француските медиуми опширно известуваат за посетата на претседателот Емануел Макрон на Вашингтон и покрај несогласувањето за решавање некои светски прашања, сите ставаат акцент на нивното пријателство, оценувајќи дека измислиле нова дипломатија – дипломатија на допири. Весникот „Ле поинт“ пренесува дека постои дипломатија на добрососедство или мирна коегзистенција, но Макрон и Трамп со постојаното ракување, прегрнување и допирање покажуваат дека постои „дипломатија на допир“.
Медиумите особено го истакнаа необичниот гест на Трамп пред фотографирањето пред состанокот во Овалната соба во Белата куќа. Трамп со рака му го чистеше првутот од палтото на Макрон, правдајќи се дека францускиот претседател мора да биде беспрекорен.