Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека Иран е во криза по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор.

– Има немири во сите градови (на Иран), а инфлацијата расте – истакна Трамп во интервју за „Фокс њуз“, додавајќи оти иранските власти не сакаат нивниот народ да има поддршка од САД.

Според Трамп, протестите во Иран почнале откако тој во мај соопштил дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма, потпишан во 2015 година од САД, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и Кина.

– Протести има ширум земјата, како и немири кои избија по американското повлекување од Договорот. Ќе видиме што ќе биде – посочи Трамп по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки.

Американското повлекување од Договорот за иранската нуклеарна програма и најавата за повторно воведување на санкции доведоа до пад на вредноста на риалот, како и до протести.