Американскиот претседател Доналд Трамп ги пофали односите на САД и Бразил откако шеф на државата е Жаир Болсонаро, но одби да каже дали ќе воведе царини за бразилскиот челик и алуминиум.

Трамп пред вечерата со Болсонаро во летувалиштето Мар-а-Лаго во Флорида, беше запрашан дали ќе продолжи да го одложува воведувањето на нови такси за бразилскиот челик и алуминиум, на што тој одговори дека САД му помогнале на Бразил, но рече дека нема да даде никакви ветувања во врска со таксите, пренесува Ројтерс.

Двете најголеми економии во западната хемисфера беа во трговска војна поради американските царини за метал. Но, Болсонаро во декември изјави дека Трамп му потврдил оти нема да се воведуваат нови царини за бразилскиот челик и алуминиум.

– Бразил го сака, а го сакаме и ние во САД. Пријателството најверојатно е најсилно од било кога – истакна Трамп за Болсонаро.