Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека режисерот Спајк Ли, во говорот по добивањето на Оскарот, „го нападнал на расна основа, иако за Афроамериканците направил повеќе од било кој досегашен претседател“.

Ли во својот говор ги повика Американците да размислат за претседателските избори во 2020 година.

– Би било добро ако Спајк Ли би можел да ги прочита своите белешки, или уште подобро воопшто да не користи белешки кога вашиот претседател го обвинува за расизам, кој има направено повеќе за Афроамериканците (реформа на кривична правда, најниска невработеност во историјата, намалување на даноците, итн) од кој било друг претседател !- напиша Трамп на Твитер.

Ли, заедно со уште тројца коавтори,  освои Оскар за најдобро адаптирано сценарио за драмата „BlacKkKlansman“.

Режисерот во говорот на церемонијата на доделувањето на Оскарите не го спомна директно Трамп, туку зборуваше за доаѓањето на робовите од Африка во САД и историјата на неговото семејство, а потоа ги спомена и претстојните претседателски избори.

– Сите да бидеме на вистинската страна на историјата. Направете морален избор меѓу љубовта и омразата. Ајде да направиме добар избор- рече Ли.