Белата куќа го прекршила американскиот закон кога ја прекинала воената помош наменета за Украина, одлучи независното тело кое ја надгледува работата на владата, особено прашањата што се во центарот на процесот на отповикување на претседателот Доналд Трамп.

„Независното тело денеска објави официјална одлука во која заклучува дека службите задолжени за процена на политиката на Белата куќа го прекршиле законот задржувајќи речиси 214 милиони долари доделени на Министерството за одбрана за воена помош на Украина“, наведува јавното ревизорско тело.

Трамп на 18 декември во Претставничкиот дом на Конгресот беше обвинет за злоупотреба на овластувањата. Тој е обвинет дека замрзнал важна воена помош за Украина за да издејствува од својот украински колега истрага за својот демократски противник Џо Бајден, кој има најголем изглед оваа година да се натпреварува со него во трката за Белата куќа.

Извештајот е објавен во пресрет на почетокот на импичментот во Сенатот и тоа е удар за напорите на Белата куќа да го оправда минатогодишниот потег на претседателот Трамп.

Трамп задржа 391 милион долари, пари што Конгресот ги изгласа како воена помош за Украина во борбата против проруските бунтовници на истокот од земјата. По задржувањето на парите, подоцна тие ѝ се уплатени на Украина, но скандалот се прошири.