Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела беше во недоумица за тоа дали да даде зелено светло за воена интервенција во Иран, но со засилување на веќе драстичните санкции на земјата од Блискиот Исток, тој можеби го избра само побавниот пат кон војна, анализира Си-ен-ен.

Високоризичната политика на администрацијата на Трамп со Иран влегува и во уште поопасна територија денес, со сигнализацијата за казнување на највисокиот ешалон на лидери во армијата на исламската република, нивните најистакнати дипломати и на врховниот лидер.

– Овие мерки претставуваат силен и пропорционален одговор на провокациите на Иран. Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Техеран, се додека режимот не прекине со опасните активности – истакна претседателот Трамп.

Новите санкции доаѓаат како одмазда кон Техеран по уривањето на американскиот дрон минатата недела, но имаат за цел и да ја обноват репутацијата на Трамп како цврст лидер, откако ги откажа нападите 10 минути пред нивниот планиран почеток.

– Неговиот тим, кој инсистира дека не е неопходно да се промени режимот во Иран, резонира дека со санкциите може сериозно да ја оштети економијата, што ќе ги принуди лидерите да ги прифатат сите барања на Вашингтон. Алтернативно, доколку владата на Иран доживее внатрешен крах, уште подобро. Досега нема назнаки дека тоа ќе се случи, и покрај ефективноста на американските санкции за уништување на иранската економија – констатираат од Си-ен-ен.

И двете можни опции се потпираат на тоа како Иран ќе ги гледа сопствените интереси, и како може да ги заобиколи своите чувства за национална гордност и лекциите од историјата.