Рафаел Квинтеро излезе од затвор во 2013 година

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го зголеми притисокот за апсење на мексиканскиот нарко-бос Рафаел Каро Квинтеро, кој наводно, го наредил убиството на агентот на ДЕА Енрике Камарена – Кики, пишува „Лос Анџелес тајмс“.

Квинтеро беше осуден на затвор поради убиството на специјалниот агент на Агенцијата за борба против трговијата со дрога (ДЕА), кој беше киднапиран на 7 февруари 1985 година. Но, Квинтеро излезе од затвор во 2013 година, откако мексиканскиот суд го ослободи поради грешка во водењето на процесот. Американските и мексиканските власти се сомневаат дека корупцијата имала улога во пуштањето на Квинтеро. Тој отслужи 28 години од 40-годишната казна.

Енрике Камарена

Американската влада реагираше на пресудата, вршејќи притисок врз мексиканските власти да го најдат наркобосот и да го екстрадираат во САД. Администрацијата на Трамп го зголеми притисокот минатата недела, по што ФБИ го стави Квинтеро на листата на најбарани престапници, додека Стејт департментот понуди награда од 20 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење. Згора, во САД е покренато ново обвинение против Квинтеро, кој е наведен како лидер на озлогласениот картел Синалоа.

– Тој мора да има повеќе луѓе кои му помагаат постојано да ја менува неговата локација. Во одреден момент, тие луѓе ќе се свртат против него – истакна Роберт В. Патерсон од ДЕА.

Камарена беше во Гвадалахара, Мексико, кога Квинтеро, наводно, го нареди неговото убиство. Телото на агентот беше пронајдено една недела подоцна на ранч во западно Мексико, заедно со мексикански пилот кој му помагал во потрагата по полињата на марихуана. Беше откриено и дека Камарена бил измачуван. 

– Никогаш нема да престанеме да го бараме Квинтеро. Никогаш – порача Дејвид Боудич, заменик-директорот на ФБИ. 

Американските власти, жестоко му возвратија на картелот Гвадалахара, по убиството на Камарена, со операцијата на ДЕА „Лејенда“, во Мексико, која, имаше влијание врз практиките на САД во борбата со нарко-картелите, со тероризмот, како и при барањето на екстрадиција на криминалци од странство. 

Случајот предизвикува тензии помеѓу Мексико и САД и 33 години подоцна.