Американскиот претседател имаше заеднички оброк со американските трупи во Авганистан

Американскиот претседател Доналд Трамп добро ја сокри неговата тајна посета на Авганистан, по повод Денот на благодарноста што се слави во САД. Згора, неговиот персонал се осигури дека ќе се објавуваат пораки од твитер-профилот на Трамп, за медиумите да не бидат сомничави поради отстуството на активност од американскиот лидер на социјалната мрежа, како што беше случајот лани.

На тој начин, Трамп не ја повтори грешката од ланската посета на трупите во Ирак, кога објави видео-снимка на Твитер на која се забележува како тој се фотографира со членовите на тим на морнаричките „фоки“, без да ги сокрие нивните лица. Тоа се случи за време на првата посета на Трамп на воена зона во текот на неговиот мандат, во декември минатата година.

Тој и првата дама на САД, Меланија Трамп тогаш ја посетија воздушната база „Ал-Асад“ во близина на Багдад, при што американскиот претседател се дружеше со војниците, потпишуваше автограми и ја бранеше одлуката за повлекување на трупите од Сирија. Но, за време на патувањето, претседателот несакајќи одал доверливи информации покажувајќи ги лицата на специјалците. Во одреден момент, Трамп направил селфи со еден од членовите на единицата, а потоа објавил и видео на Твитер, на кое се забележува идентитетот на одредени специјалци.

Трамп случајно одаде доверливи информации во текот на ланската посета на Ирак

Овојпат Трамп не направи сличен гаф, а беа преземени дополнителни мерки за патувањето да остане во тајност. Авионот со кој претседателот претходно допатува во одморалиштето во Флорида, остана приземјен како мамка. Тајно, авион-близнак беше скриен во хангар во базата „Ендрјуз“, овозможувајќи му на Трамп незабележано да се качи на летот до најголемата американска база во Авганистан, „Баграм“.

Трамп вечерта се „извлече“ од имотот во Мар-а-лаго за да отпатува од тајна локација. А заедно со него, во претседателскиот авион на патувањето кон Авганистан имаше 13 новинари, кои дознаа каде патуваат од страна на портпаролката на Белата куќа, на два часа пред полетувањето. По пристигнувањето во базата, претседателот беше спроведен со моторизирана поворка од 15 возила, придружувана со тешковооружени војници.

Присутните новинари можеа да видат како Трамп служеше мисирка во бифето на базата, позирајќи за фотографии и давајќи забелешки, во базата со персонал од 1.500, во текот на три часа.

Трамп се воздржа од спомнување на проблемите со кои се соочува дома, од импичментот и несогласувањата со водечките луѓе во војската, додека се фалеше за неговите постигнувања во уништувањето на Исламска држава и на ал каеда. Тој ја искористи и посетата за да се сретне со својот авганистански колега Ашраф Гани, во базата, при што беше најавено продолжувањето на мировните преговори со талибанците.

Американскиот лидер им порача на присутните дека „војната во Авганистан нема да биде решена на бојното поле“. По неколкучасовната посета Трамп се врати во Мар-а-лаго, каде што вообичаено го поминува Денот на благодарноста. М.Ж.