Правната стратегија на Белата куќа за попречување на сведочењето во постапката за импичмент, сега е насочена кон бавното темпо на правниот систем, пишува американското издание на „Политико“.

Целта на тековниот пристап е да се закочи судската битка попречувајќи ги највисоките функционери од Советот за национална безбедност, канцеларијата за менаџмент и буџет и канцеларијата на шефот на кабинетот на Белата куќа да се појават пред Конгресот.

Судските битки би можеле да траат со месеци, приближувајќи го спорот меѓу Конгресот и Белата куќа до првиот круг на претседателските избори во 2020 година. Демократите веќе истакнаа дека сакаат брза разврска во истрагата за импичмент, без да се изгуби фокусот од она што е важно.

-Тоа е стратегија за одложување – рече републиканец близок на Белата куќа.

Тој тврди дека пристапот ги присилува демократите да го отстранат Трамп од функцијата врз процедурална основа, поради негово попречување на истрагата, наместо да откриваат повеќе потенцијално клучни докази.

Доколку биде успешен, овој потег ќе ги присили демократите да продолжат со истрагата без да ги сослушаат сведочењата на соработниците блиски до Трамп, вклучувајќи го и поранешниот советник за национална безбедност, Џон Болтон, службените лица во канцеларијата за менаџмент и буџет кои го одложија испраќањето на помош во Украина, или адвокатот за национална безбедност кој одлучи да стави записот од телефонскиот разговор на 25 јули на посебен, строго доверлив сервер. Белата куќа тврди дека ниту еден од овие луѓе не може да сведочи според доверливоста на разговорите меѓу претседателот и неговите советници.

Стратегијата за потпирање на временската рамка на судот веќе ѝ „купи“ на администрацијата повеќе од еден месец. Судија на окружниот суд на САД не одржува расправа за тоа дали поранешниот заменик-советник за национална безбедност Чарлс Купермен мора да сведочи до 10 декември.

Шест службеници од Белата куќа и администрацијата неделава беа повикани да сведочат во Капитол Хил, но не се очекува никој од нив да се појави, според претставниците на администрацијата и адвокатите.

Во следните неколку дена ќе биде тестиран планот на Белата куќа за несоработка со демократите – став кој адвокатот на Белата куќа го истакна во писмото со осум страници испратено до спикерката на Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси, на почетокот на октомври.