Претседателот на САД, Доналд Трамп, жестоко се бранеше дека не е расист по вербалниот напад на четирите конгресменки. Но неговите пораки на Твитер во кои тој напаѓа четири демократски конгресменки предизвика бес и кај неговите републиканци.

Трамп ги повика републиканците да не паднат во замката на демократските противници.

– Тие пораки не беа расистички. Во мене нема ни трошка расизам – изјави тој.

Трамп вчера жестоко вербално нападна четири конгресменки, обвинувајќи ги дека ги сакаат непријателите на Америка и им порача да ги напуштат САД ако не се среќни таму.

Тој кажа дека тие конгресменки може да се вратат од каде што дошле, со што предизвика критики кај демократите кои овие изјави ги оценија како расистички и ксенофобични.

Трамп не ги именуваше своите цели, но станува збор за Александрија Окасио-Кортез од Њујорк, Ајана Присли од Масачусетс, Рашида Тлаиб од Мичиген и Илхан Омар од Минесота. Единствено Омар која е од Сомалија, не е родена во Америка. Присли е афроамериканка, родителите на Тлајб се палестински имигранти, а Окасио-Кортез доаѓа од порториканско семејство од Њујорк.