Повеќето од гласачите на партиските избори за претседателски кандидат на Демократската партија во Илиноис, Флорида и Аризона веруваат во Џо Бајден.

Гласачите во тие американски држави сметаат дека тој е подобар кандидат од Берни Сандерс, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата „Едисон Рисрч“.

Како што пренесува „Ројтерс“, анкетата е спроведена телефонски за време на изборниот процес во кој учествуваа бројни демократски гласачи наспроти епидемијата на коронавирусот.

Овие резултати се уште еден силен показател за предност на поранешниот потпретседател Бајден во моменти кога поради ширење на коронавирусот е одлучено да се одложат партиските избори на републиканците во неколку други сојузни држави.

Американците денеска се повеќе загрижени поради епидемијата на вирусот отколку што беа пред две недели, покажуваат оделни анкети на „Ројтерс“ и „Ипсос“.


Трамп и официјално републикански кандидат за претседателските избори

Американскиот претседател, Доналд Трамп, во вторникот го премина прагот на потребни делегати за да биде прогласен за победник во внатрепартиската претседателска трка на републиканците, што беше само формалност во неговата кампања.

– Честитки до Доналд Трамп кој е републикански кандидат за претседателските избори – соопшти на Твитер, лидерката на Републиканскиот национален одобор, Рона Мекданиел.

Флорида му ги даде делегатите што му беа потребни, нагласи таа.

– Нашата партија е единствена, нашите поддржувачи се полни со енергија и ние сме подготвени за уште четири години – посочи Мекданиел.

Доналд Трамп, кој ќе бара втор мандат на изборите на 3 ноември, никогаш не се најде во опасност од републикански противник, иако уште тројца други влегоа во трката.