Два месеца откако Ванеса Гиjен за последен пат беше забележана во базата „Форт Худ“ во Тексас, нејзините постхумни останки беа идентификувани, соопшти адвокатката на нејзиното семејство, Наталија Кавам. Случајот за сексуалното вознемирување и исчезнувањето на Латиноамериканката предизвика повици за правда и протести против американската армија и нејзината незаинтересираност за справување со сексуалното вознемирување во своите редови, пренесува „Ен-пи-ар“. 

– На 3 јули армијата ме повика да потврдам дека остатанките припаѓаат на Гијен. Семејството е во жалост и без коментар. Загубивме способен млад војник бидејќи системот е нефункционален – изјави Кавам. 

Останките беа пронајдени во вторникот, во близина на реката Леон, источно од местото каде што таа исчезна во април. Еден осомничен за случајот, 20-годишниот Арон Дејвид Робинсон, исто така војник во „Форт Худ“, во средата изврши самоубиство. Друг осомничен 22-годишниот Сесил Агилар, беше уапсен и обвинет за прикривање на докази за време на истрагата.

Гијен била цел на сексуално вознемирување долго време пред да исчезне. Таа тоа го споделила со нејзината мајка, пријатели и колегите, но никогаш не поднела официјално жалба. 

– Мојата сестра беше премногу исплашена за да го пријави вознемирувањето, затоа што никој не би ја послушал, исто како што никој не ги слуша и другите жени кои пријавија сексуално вознемирување. Сите гледаат на сексуалното вознемирување како на шега. Никому не му е грижа – изјави нејзината сестра, Лупе Гијен. 

Случајот на Гијен привлече големо внимание од јавноста, покренувајќи и онлајн-движење преку кое жртвите на сексуално вознемирување во војската ги споделија своите приказни обележани со ознаката „И јас сум Ванеса Гијен“.

Судбината на младата девојка поттикна и повици за правда и заштита на војниците во САД од латиноамериканско потекло. 

– Има систем кој помага во пронаоѓање на киднапирани деца. Но, нема систем кој ќе помогне во случајот на Гијен и оние кои се жртви на сексуално возменирување. Затоа се решивме да се вклучиме во случајот, бидејќи сме загрижени – изјави Доминго Гарсија, претседател на Лигата на обединетите граѓани на Латинска Америка. 

Гарсија упати апел кон жените со латиноамериканско потекло да не се приклучуваат на армијата на САД, бидејќи таа не презема доволно за да ги заштити жените кои ги регрутира, што тоа треба да се смени

– Од армијата продолжуваат да лажат и да негираат, тоа е нивниот начин на функционирање – вели тој. 

Случајот предизвика бројни протести и повици за правда, како и недоверба од страна на латиноамериканското население на САД кон армијата. 

– Се чувствуваме засегнати од слулајот. Јас имам сестри и внуки кои сакаат да се приклучат на армијата. Кога ќе помислам на Ванеса, помислувам на нив – изјави Ендру Родригез, кој се приклучи во протестот заедно со семејството Гијен.

Стотици со тешко срце и цвеќиња во рацете ѝ оддадоа почит на Ванеса, вклучувајќи го и братот на убиениот Афроамериканец Џорџ Флојд. 

– Се молиме за нејзиното семејството, исто како што и тие беа таму за нашето семејство – рече тој.

Уметникот познат како Донки бој сега работи на сликањето на 30 мурали во чест на Гијен. Тој го има целиот град на располагање, а потребни му се повеќе уметници кои ќе се вклучат во акцијата. 

– Бидете дел од ова движење. Уметноста може да биде многу моќна, особено во вакви моменти – рече Донки бој.