Најмалку 49 луѓе починаа во последните 24 часа во индиската сојузна држава Бихар, во северниот дел од земјата, каде веќе две недели владее екстремна жештина.

Жртвите од топлото време се претежно од подрачјето Магад, погодено од суша и температури од 45 степени Целзиусови.

Локалните власти соопштија дека починале 49 луѓе во три дистрикти и нагласиле дека многумина се пренесени во болница, но поголем дел починале и покрај укажаната лекарска помош. Во болница сè уште се 40 луѓе.

Во Раџастан измерени се над 50 степени Целзиусови.

Во топлотен бран во 2015 година во Индија и Пакистан умреа повеќе од 3.500 луѓе.