Федералните обвинители на САД во поднесокот до судот тврдат дека толпата што упадна во зградата на Капитол сакала да ги фати и убие избраните пратеници, пренесува „Гардијан“.

Тужителите ја направија таа процена во поднесокот до судот со кој се бараше притвор за Џејкоб Ченсли, снимен во зградата на Капитол со рогови на главата.

Барањето за притвор, напишано од обвинителите во Аризона, детално наведува што направил Ченсли во Капитол. Меѓу другото, се наведува дека тој му оставил порака на потпретседателот на САД, Мајк Пенс, во која гласи: „Правдата доаѓа, прашање на време е“.

– Силните докази, кои ги вклучуваат зборовите и постапките на Ченсли во Капитол, ја поддржуваат тезата дека демонстрантите сакале да ги фатат и убијат избраните американски службеници – се вели во поднесокот.

Чансли треба да се појави на суд в понеделник, а неговиот полномошник по службена должност не даде коментар за поднесокот.

Обвинителите и федералните агенти поведуваат посериозни обвиненија за насилство во Капитол, пишува „Гардијан“ повикувајќи се на примерот на пензионираниот пожарникар Роберт Санфорд, кој фрлил апарат за гаснење пожар во главата на еден од полицајците, и Питер Стагер, кој е обвинет за удирање друг офицер со стап, на кој имало американско знаме.