Протестното движење во Белорусија никогаш не било насочено против Русија, вели белорускиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја, која сега е во Литванија, пренесува ТАСС.

– Тоа во ниедна фаза не беше борба против Русија и сигурна сум дека нема да биде таквa – нагласи Тихановскаја во обраќањето до Русија објавено на нејзиниот канал на Телеграм.

Таа ги повика Русите да не им веруваат на извештаите во медиумите и политичарите што можат да им наштетат на односите меѓу народите на двете земји.

– Не верувајте во пропагандни медиуми и политичари, не дозволувајте да ги нарушуваат односите меѓу нашите народи – рече Тихановскаја.

Според опозициската политичарка, народите на Русија и Белорусија отсекогаш биле добри соседи и блиски пријатели и тоа ќе биде случај во иднина. Таа истакна дека Белорусите сакаат пријателски односи со сите соседи, истовремено задржувајќи го суверенитетот на својата земја. Тихановскаја им се заблагодари на оние Руси кои ја поддржуваат борбата на белорускиот народ за слобода.

Поранешната кандидатказа претседател, која сега е во Вилнус, за првпат објави специјално петминутно обраќање „до Русија“. Пред тоа, таа преку видеоконференција комуницираше со членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа, некои членови на Советот за безбедност на ОН и сними обраќање до Европскиот совет.

Белорусија ги одржа своите претседателски избори на 9 август. Според податоците на Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко доби 80,1 отсто од гласовите, додека Светлана Тихановскаја освои 10,12 отсто од гласовите. По изборите, таа не ги призна резултатите замина во Литванија.

По изборите, во Минск и во неколку други градови избија протести, што доведе до судири меѓу демонстрантите и полициските службеници. Опозицијата формираше Координативен совет за транзиција на власта во земјата, повикувајќи ги демонстрантите да продолжат со демонстрациите.