Кандидатката на обединетата опозиција на Белорусија, Светлана Тихановскаја, изрази подготвеност за преговори со власта.

Таа вели дека во Белорусија моментно се одвива мирна и демократска револуција, а не геополитичка револуција.

Во својот говор пред Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Тихановскаја ги повика сите земји во светот да ја почитуваат независноста и суверенитетот на Белорусија и изрази подготвеност за преговори со властите во земјата.

– Ја изјавувам нашата подготвеност за преговори со властите. Подготвени сме да номинираме преговарач. Подготвени сме да го разгледаме посредувањето на меѓународните организации заради полесен дијалог – рече Тихановскаја.

Светлана Тихановскаја се приклучи на дебатата за Белорусија во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент со видеоврска од егзил во Литванија.

Таа рече дека нејзината земја е во криза откако се фалсификувани изборните резултати и дека најмалку шест демонстранти биле убиени, а десетици исчезнале.

Таа наведува дека најголемите протести во историјата на земјата се одржале во неделата во Белорусија, на кои, како што проценува, се собрале 200 илјади луѓе.

– Белорусија се разбуди. Ние веќе не сме опозиција. Сега сме мнозинство. Она што се случува е мирна револуција – рече Тихановскаја.

Таа, исто така, оценува дека револуцијата во Белорусија не е геополитичка револуција, како што гледаат некои во светот.

– Тоа не е ниту проруска ниту антируска револуција. Ниту против ЕУ, ниту за ЕУ. Тоа е демократска револуција – рече кандидатката на белоруската опозиција на последните претседателски избори.

Говорејќи пред Европскиот парламент Тихановскаја го истакна стремежот на белорускиот народ слободно да ги избере своите лидери и да одлучува за својата судбина.

– Слободни и фер избори се наше едноставно барање и слоган на народот во Белорусија – потенцира Тихановскаја.

Таа рече дека Белорусите „покажале во претходните две недели на мирни протести дека нема да попуштат и нема да се откажат и ги повика сите земји во светот да го почитуваат суверенитетот и интегритетот на Белорусија.