Властите во руската република Башкортостан (Башкирија) соопштија дека четири лица, меѓу кои три деца, се во тешка здравствена состојба откако тинејџер извел напад во училиште во градот Стерлитамак.

– Според нашите информации, четири лица се повредени и одведени во болница во градот, меѓу кои и три деца. Тие се во тешка состојба – изјави прес-секретарката при републичкото Министерство за здравство Светлана Кускарбекова.

Локалните меидуми тврдат дека ученикот ги избодел соучениците и уште едно лице од персоналот, по што се обидел да ја запали училницата. Повредени се две 15-годишни девојчиња и еден наставник. Најмалку две лица скокнале од прозорец во обид да се спасат. Откако ја запалил училницата се огласил алармот, што предизвикало паника и во соседните училници. Еден од учениците скокнал од прозорецот од вториот кат и сериозно се повредил.

Очевидци тврдат дека потоа 15-годишнотото осомничено момче се обидело да се самоубие. Медиумите соопштуваат дека по интервенцијата, ученикот е во притвор. Тој во последно време на социјалните мрежи објавувал насилен материјал, меѓу кои и видео од масакрот во средно училиште во Колорадо и се заканувал дека ќе „елиминира луѓе“.