Тројца тинејџери од американската сојузна држава Тексас, кои фрлале со јајца по автомобили за време на прославата за Нова година, предизвикаа несреќа во која животот го загуби 45-годишна жена, пренесува „Њујорк пост“.

Полицијата во Алвин, Тексас, поднесе кривична пријава против 14-годишен тинејџер, кој се соочува со обвиненија за убиство. Идентитетот на тинејџерот не е објавен поради неговата возраст. Тој, заедно со двајца негови пријатели, го зел спортскиот автомобил на неговиот татко, со кој решиле да се пошегуваат со другите возачи фрлајќи јајца по нивните автомобили.

Но, откако биле заплашени со пиштол, од човек чиј автомобил тие го погодиле, тие поминале на црвено светло со голема брзина и удриле во друго возило. Во несреќата починала 45-годишната Силвија Завала, сопственичка на удреното возило.

Тинејџерот е сместен во центар за малолетничка деликвенција, а полицијата работи на расчистување на случајот и го испрашува возачот кој ги бркал тинејџерите пред да се случи несреќата.