Мајк Помпео

Ова беше лош импичмент за Мајк Помпео. Не само што се покажа дека државниот секретар на Доналд Трамп бил запознаен со обидот за изнудување на политичка помош од Украина, според амбасадорот во ЕУ, Гордон Сондланд, туку Помпео е претставен и како лицето на распаднатата американска надворешна политика, пишува „Фајненшл тајмс“.

Овие навидум одделни светови – импичментот на Трамп дома и губењето на контрола на Америка во странство – се две страни на истата монета.

До сведочењето на Сондланд, оние што работат за Трамп можеа да ја одржуваат фикцијата дека неговиот личен адвокат Руди Џулијани ја води одметнатата надворешна политика. Тоа веќе не е одржливо. Според Сондланд, сите, вклучувајќи го и Помпео беа вмешани во обидот за украинското „квид про кво“ (услуга за услуга) по „јасната насока дадена од претседателот“. Разликата помеѓу официјалното и неофицијалното нема значење во светот на Трамп. Други, вклучувајќи ги потпретседателот Мајк Пенс и поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон исто така се вмешани.

Но Помпео е најголемата жртва на сведочењето на Сондланд. Како најлојален помошник на Трамп, Помпео не допушти да има разлика помеѓу она што неговиот шеф го сака и она што тој го прави. Тоа значи дека Помпео се негираше самиот себеси истиот ден, без разлика дали тоа се однесуваше на турскиот прекин на огнот, американските воздушни напади врз Иран или односите помеѓу САД и Украина, Помпео беше расположен да услужи. Затоа секогаш беше тешко да се поверува дека Помпео не е тесно вклучен во проектот што беше од најголема важност за Трамп – оцрнувањето на Бајден, неговиот потенцијален ривал на претседателските избори во 2020 година.

Помпео сега се соочува со избор со каков порано или подоцна се соочуваат сите вработени на Трамп. Дали да се оттргне и да ја спаси сопствената репутација или да го удвостручи влогот со екстравагантен гест на лојалност. Во Вашингтон се јавуваат гласини дека оставката на Помпео е подготвена. Но, сега е доцна за да се дистанцира од Трамп. 

Постапката за импичмент ја турна позицијата на Помпео во американската дипломатија уште подолу, во ионака деморализираниот Стејт департмент. Сведочењата на поранешната американска амбасадорка во Украина Мари Јованович, на нејзината замена Бил Тејлор и на искусниот дипломат Џорџ Кент, ставија јасно до знаење дека Помпео не кренал прст во нивна одбрана. Поранешниот заменик-државен секретар Бил Бурнс ги опишува постапките на Помпео како „бирократски пожар“. 

Помпео стана олицетворение на Америка на која веќе не и е гајле за дипломатијата, се заклучува во коментарот на „Фајненшл тајмс“.