Апсењето на Сетимо Минео создаде проблеми за Коза ностра

Сицилијанската мафија Коза ностра поминува низ тежок период по неодамнешното апсење на нејзиниот шеф Сетимо Минео (80) поради што е приморана да бара невообичаени сојузници, пренесува интернет-порталот „Локал Италија“.

Минео беше уапсен заедно со уште 45 припадници на организираниот криминал, пред официјално да стапи на позицијата „кум“, што требаше да се случи на првиот состанок на мафијашките кланови, т.н. „купола“, по пауза од неколку години.

– Апсењето на Сетимо Минео беше важно, бидејќи претставуваше превентивна операција во времето кога Коза ностра се обидуваше да се реорганизира – истакна Џузепе Говернале, водечкиот човек на Дирекција антимафија (ДИА) која спроведува истраги против организираниот криминал.

Тешкиот период низ кој поминува сицилијанската мафија ја натера да бара сојузништво со калабриското семејство Н’дрангета, според сознанијата на италијанските власти.

– Коза ностра поминува низ тежок период. Тие немаат ниту потполна контрола на трговијата со дрога на островот, туку мораат да склучуваат сојузништво со Н’дрангета – посочи Говернале.

Минео беше меѓу водачите на една од 15-те мафијашки групации (секоја групација се состои од две четири семејства) во Палермо. Коза ностра се обидува да најде наследник на починатиот Тото Рина, кој се смета за последниот вистински шеф на мафијата. Говернале ја отфрли шпекулацијата оти бегалецот Матео Месина Денаро го предводи познатото мафијашко семејство.