Германските Социјалдемократи (СПД) изборија тесна победа на националните избори, покажуваат првичните резултати и освоија мандат да формираат влада првпат од 2005 година и со тоа да стават крај на 16 -годишното владеење на Конзервативците под лидерство на Ангела Меркел.

Социјалдемократите освоија 26 проценти од гласовите, а зад нив е конзервативниот блок ЦДУ / ЦСУ на Меркел со 24,5 проценти, но двете партии веруваат дека би можеле да ја предводат следната влада.

Договорот за нова коалиција може да трае со месеци, и најверојатно ќе ги вклучи и помалите – Зелената партија и Либералдемократската партија (ФДП).

Одзивот на гласачите на вчерашните избори беше 76,6 проценти.

Новиот Бундестаг ќе има рекорден број пратеници – 735. Досега имаше 709 – и тоа беше историски најголем број на пратеници во германскиот парламент.