Ирански товарен брод беше цел на терористички напад во Средоземното море, но никој не беше повреден, објави иранската државна телевизија.

Портпарол на иранската државна компанија за транспорт, Али Гијашијан, рече дека експлозивната направа што била фрлена на бродот предизвикала штета и мал пожар, кој бил брзо изгаснат, а никој не бил повреден.

Тој додаде дека нападите на терористите и пиратите се во спротивност со меѓународните регулативи и дека сторителите на таа „терористичка акција ќе бидат правно гонети преку надлежните меѓународни организации“.

Во извештајот се наведува дека бродот што пловел од Иран кон Европа ќе го продолжи патувањето по проценката на штетата.

Претходно оваа недела, Израел ја обвини Иранската револуционерна гарда за напад на израелски брод, кој пловел од Саудиска Арабија кон Сингапур.

Израел соопшти дека експлозијата сериозно го оштетила бродот кој морал да се врати на пристаништето Дубаи.

Иран не ги призна и ги отфрли како неосновани обвинувањата на Израел.