Поради минатомесечните терористички напади во Шри Ланка, земјата се уште не може да ги смири меѓурелигиските тензии во повеќето градови, објавува Си-ен-ен. Во еден од градовите кој беше нападнат за време на прославата на католичкиот Велигден каде најголем дел од населението е католичко, нападнати се продавници и вандализирани се автомобили на муслиманското население.

Ситуацијата ескалираше кога пред неколку дена во селото Порутота во близина на градот Негомбо избија немири меѓу возач-муслиман и група на католици кои сакале да му го проверат возилото. Ова недоразбирање се претворило во насилен протест, во кој потоа демонстрантите агресивно се однесувале на улиците, а притоа се уништени неколку излози на продавници, а запалени се и неколку возила.

Портпаролот на полицијата во Шри Ланка, Руван Гунасекара, на прес-конференција кажа дека две групи под дејство на алкохол биле одговорни за насилствата. По овие настани, полицијата во земјата распореди полиција во селото Порутота, а во вечерните часови беше воведен и полициски час, за полицијата да може да воспостави контрола.

Иако владата на Шри Ланка вети дека ќе ја надомести штетата предизвикана во ваквите „злосторства од омраза“, и муслиманските и христијанските лидери во земјата изразија загриженост дека постои можност за понатамошна ескалација на насилствата. За потсетување, координираните терористички напади на католичкиот велигден резултираа со 250 жртви и 500 повредени во повеќе градови во Шри Ланка.

Меѓурелигиската нетрпеливост и натаму трае во Шри Ланка, а полицијата и армијата распоредни свои сили на терен, поради можноста за појавување на понатамошни терористички напади и напади од одмазда.