Според сознанијата на европската полициска организација, пандемијата била идеалниот период во кој на интернет се засилило ширењето на влијанието и пропагандата на групите што пропагираат екстремистички идеологии и насилства

Предупредување на европската полиција Европол

Во 2020 година, терористичките организации се обидоа да ја искористат глобалната пандемија за ширење пропаганда на омраза. Милитантите ја користат секоја можност да ги уништат демократските структури и да шират страв со кој се поларизираа општеството. Поради тоа, повеќе земји од Европа може да бидат на удар на нови напади од некои терористички организации.
Ова, меѓу другото, го наведува извештајот на Европол насловен „Состојбата и трендовите на тероризмот во Европската Унија“, во кој се посочува дека Европската полициска агенција е загрижена бидејќи изминатата година е забележано „значително зголемување“ на нетолеранцијата кон политичките противници на интернет, што делумно беше подгреано и од глобалната здравствена криза. Во извештајот на Европол се споменува дека милитантите ја користат секоја можност да ги уништат демократските структури, со ширење страв и омраза во сајбер-сферата. Па, така во текот на 2020 година, Европол забележал 57 изведени, неуспешни и оневозможени терористички напади во Европската Унија (Австрија, Белгија, Франција, Германија, Италија и Шпанија). Исто така, во анализата се посочува дека 21 лице починале како резултат на тероризам во Европската Унија изминатата година, а дека 449 лица биле уапсени под сомнение дека извршиле злосторства поврзани со тероризам во 17 земји-членки на ЕУ, што е намалување за една третина во споредба со претходните години.

Подем на (изолирани) џихадистички напади

Во меѓувреме во документот на европската полиција се посочува дека џихадистичкиот тероризам останува да важи за најголема закана по 27-те членки на ЕУ, со тоа што бројот на извршени напади се зголеми на 10 во однос на претходната година.
– Сите напади со џихадизам на европска почва беа направено со неповрзани актери, од кои дел биле во контакт со терористички групи, вклучувајќи го напаѓачот од терористичкиот напад што се случи лани во ноември во Виена – пишува на оваа тема „Јуроњуз“. Според бриселскиот медиум, соработката меѓу „Телеграм“ и Европол драстично го намалила капацитетот на џихадистичките групи да ги шират нивните пораки преку апликацијата од крајот на 2019 година.
– Групите, вклучувајќи ги таканаречената Исламска држава и „Ал каеда“, искористија разни настани за да ја зголемат нивната пропаганда, така што втората се насочи кон проблемот со дискриминација во западните општества за да се наметне како алтернативно решение што ги штити правата на угнетените – оценува во својот текст бриселскиот медиум.

Западен Балкан во фокусот на Европол

Иако во Западен Балкан лани не се случија терористички напади, земјите-членки на ЕУ сметаат дека настаните во регионот се потенцијални закани што можат да влијаат на терористичката состојба во ЕУ. Особено, сè уште постои загриженост за можноста од милитанти, вклучувајќи и повратници од зоните на конфликтот, кои ги користат патишта што минуваат низ регионот.
Во извештајот се наведува дека една група, во која биле поранешни припадници на таканаречената Исламска држава, кои се вратиле од Сирија, била разбиена во Македонија. Исто така, се наведува дека се евидентирани индивидуални случаи на повратници од зоната на конфликтот во Сирија и во Ирак. Во исто време, Словенија, според извештајот, неодамна навела дека враќањето на граѓаните во балканските земји од Сирија досега немало директно влијание врз терористичката закана, но дека е потребно да се следат лицата што се враќаат и откако ќе излезат од затвор.