Над 800.000 лица починале во конфликтите во кои биле вклучени САД

Најновиот извештај се фокусира на војните по терористичкиот напад од 11 септември, по кој САД ги започнаа борбите или учествуваа во воените операции

Конфликтите во кои беше вклучена американската војска резултираа со најмалку 37 милиони раселени лица, откако пред речиси две децении започна „војната против тероризмот“, како што се проценува во најновиот извештај за кој пренесе „Гардијан“. Инвазијата на Ирак и долгогодишната нестабилност што следуваше во државата, придонесоа 9,2 милиони лица досега да ги напуштат своите домови што е најскапата од осумте американски воени операции, кои беа вклучени во извештајот за „цената на воениот проект“ што го изработи универзитетот „Браун“.
Истражувањето се фокусира на конфликтите по терористичките напади од 11 септември, во кои САД започнаа вооружен конфликт (како во Ирак или во Авганистан), придонесоа за негова ескалација (Либија и Сирија) или учествуваа во напади со дронови, испраќаа советници на бојното поле, тргуваа со оружје и со други средства (Јемен, Сомалија и Филипини).

Според податоците на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации и Центарот за внатрешно следење на раселените лица, меѓу другите, во проектот се проценува дека 7,1 милиони лица биле раселени во Сирија, 5,3 милиони во Авганистан, 4,4 милиони во Јемен, 4,2 милиони во Сомалија, 3,7 милиони во Пакистан, 1,7 милион на Филипините и 1,2 милион во Либија. Рамката на извештајот не укажа дека САД биле единствените причинители за масовното раселување, како што наведуваат авторите, туку „причините секогаш опфаќале мноштво борци и други моќни актери, долгогодишната историја, како и политичките, економски и општествени сили од огромни размери“. За конфликтите како сириската граѓанска војна, истражувањето тесно ја дефинираше американската вклученост, со тоа што ги броеше само раселените во пет сириски провинции каде што американските сили се активни уште од 2014 година, како што пренесува „Гардијан“.

Во извештајот исто така се наведува дека „помалку конзервативниот пристап би ги вклучувал раселените од сите сириски провинции од почетокот на директните американски воени операции во 2014 година или дури уште од една година претходно, кога Владата на САД почна да ги поддржува сириските бунтовнички групи. Со тие процени, вкупниот број би изнесувал меѓу 44 и 51 милион раселени лица што може да се спореди со размерите од Втората светска војна“.
Како што пренесува „Гардијан“, заклучоците од извештајот наидоа на критики од страна на некои истражувачи и коментатори затоа што не биле вклучени други причини за раселување, освен американската интервенција. На пример во Сомалија, истражувањето истакнува дека „раселувањето трае веќе со децении“.
Меѓународните организации многу тешко можат точно да ја одредат вистинската бројка на раселени лица поради физичката опасност, но и обидите на владите и други интереси, кои сакаат да влијаат врз статистиката за сопствена цел.

Извештајот ги призна и ограничувањата и посочува дека биле користени најконзервативните бројки.
Во него исто така се вели дека околу 25,3 милиони лица се вратиле во своите места на живеење откако биле раселени, но истакнува дека „враќањето не може да ја избрише траумата од самиот чин или дека раселените се вратиле во нивните домови или имаат безбеден живот“.
Во друго истражување како дел од проектот се проценува дека над 800.000 лица починале во конфликтите во кои САД биле вклучени поради директно воено насилство заедно со најмалку 335.000 цивили и дека воените ангажмани го чинеле американското министерство за финансии 6,4 илјади милијарди долари.