Ништо во Хаг, ништо во Берлин, ништо во Брисел. Британската премиерка Тереза Меј остана без посакуваните резултати на секоја станица од турнејата за спас на договорот за брегзит, објавува европското издание на магазинот „Политико“.

Премиерката се надеваше оти британскиот парламент ќе го ратификува нејзиниот договор, но наместо тоа мораше да брза за да се сретне со лидерите на ЕУ, откако го одложи гласањето за да избегне сигурен пораз. 

Нејзините колеги од Стариот континент немаа што да ѝ понудат, освен топли зборови и одредени појаснувања кои не можеа да ја олеснат нејзината незавидна политичка ситуација. 

Меј прво имаше заеднички доручек со холандскиот премиер Марк Руте, потоа се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел (при што британската премиерка накратко се најде заклучена во нејзиниот автомобил) за да ја заврши турнејата во институциите на ЕУ, каде што водечкиот човек на Европскиот совет Доналд Туск, односно претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, ѝ порачаа оти не може повторно да се преговара за договорот за брегзит.

Најголеми грижи во Велика Британија, поврзани со процесот за брегзит, предизвикуваат прашањето на границата со Северна Ирска, како и последиците по економијата.

ЕУ се соочува со предизвик, бидејќи оттаму допрва треба да одредат што можат да понудат за да го поттурнат договорот за брегзит, без да влијаат на сигурносниот механизам кој гарантира дека нема да има „цврста граница“ помеѓу Северна Ирска и Велика Британија. Британскиот парламент се наоѓа во ќорсокак-без мнозинство за ниту едно од важните прашања поврзани со брегзит.

Брисел ќе ги продолжи дискусиите за брегзит на денешниот состанок на амбасадорите од ЕУ, односно на утрешниот самит на Европскиот совет, каде што се очекува да бидат пружени одредени уверувања за Велика Британија, но не и да бидат отворени нови документи поврзани со договорот. Европската турнеја на Меј, пак, денеска ќе продолжи со состанок со премиерот на Република Ирска Лио Варадкар, пред британската премиерка да оди на самитот на Европскиот совет.