Премиерката на Англија, Тереза Меј, тврди дека Лигата на шампионите ѝ покажала дека нејзиниот договор за брегзит е можен, пренесува „Гардијан“. Меј се спореди себеси со фудбалскиот клуб Ливерпул, предвидувајќи дека може да напарави извонреден камбек во врска со брегзит, иако Европа победува, а времето минува.

– Навистина мислам дека кога ќе ја погледнеме победата на Ливерпул над Барселона, таа ни покажува дека кога сите ќе кажат оти е готово, кога вашите европски противници ве победиле, времето истекува, кога е време да го признаете поразот, тогаш, всушност, можете да обезбедите успех, ако се обедините – кажала Меј во врска со брегзит. 

Одговорот на премиерката се однесуваше на сугестијата на лидерот на лабуристичката партија, Џереми Корбин, кој кажа дека таа може да научи како да се грижи за доброто на Европа, од фудбалскиот клуб Ливерпул. Клубот од „Енфилд“ ја елиминира Барселона во полуфиналето на Лигата на шампионите со вкупен резултат од 4-3 во двомечот, откако го загуби првиот дуел со 0-3.

– Во пресрет на извонредната игра на Ливерпул вчера, веројатно премиерката може да извлече поуки од Јирген Клоп за тоа како да постигне добар резултат во Европа – се пошегува Корбин.