Во Парламентот на Хонг Конг денеска настана хаос кога приврзаниците и противниците на контроверзните амандамани на законите за екстрадиција се судрија на влезот во салата. Најмалку еден пратеник е изнесен на носила откако се онесвестил за време на тепачката.

Предложените измени се критикувани како намалување на судската независност на полуавтономната кинеска територија, преку олеснување на екстрадицијата на осомничените за кривични дела на Кина, каде што тие би можеле да се соочат со неодредени обвиненија во доменот на националната безбедност и нефер судења.

Според принципот „една земја, два системи”, на Хонг Конг му беше гарантирано дека ќе има право својот општествен, правен и политички систем да го задржи 50 години откако Велика Британија во 1997 година и ја предаде територијата на Кина.

Сепак, кинеските власти се повеќе го кршат договорот и ги туркаат непопуларните законски измени кои на парламентот би му го одзеделе правото да ги испитуваат индивидуалните одлуки на извршната власт за екстрадицијата. Промените би можеле да ја отворат вратата за понатамошни мерки против граѓанските слободи, како што се законите против субверзија.