„Дружината“ се најде во центарот на бесот на Трамп. Од лево кон десно, Александриа Окасио-Кортез, Илхан Омар, Ајана Присли и Рашида Тлаиб

Конгресот на САД вчера гласаше за предлогот за осуда на американскиот претседател Доналд Трамп поради неговиот „расистички твит“, во кој им се обраќа на четири конгресменки да се вратат во матичните земји доколку не им се допаѓа во САД, пренесува „Вашингтон пост“. 

Демократите ги окарактеризираа твитовите на Трамп како навреда, барајќи санкции за претседателот, а републиканците ги отфрлија обвинувањата за расизам. Гласовите беа поделени, со 240 за наспроти 187 против. Трамп во низа твитови изјави дека не е расист и дека нема ниту една расистичка коска во неговото тело, а на негова страна застанаа двајца врвни сенатори од Конгресот, лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, и лидерот на малцинствата, Кевин Мекарти.

Трамп три дена едноподруго објавува твитови против четири жени од партијата на демократите, Александриа Окасио-Кортез, Илхан Омар, Ајана Присли и Рашида Тлаиб, обвинувајќи ги за „ширење на некои од најзлобните, најомразените и одвратни работи некогаш кажани во Сенатот или Конгресот“. Во нивна одбрана, во ниту еден од нивните коментари, тие не кажаа дека ги мразат Соединетите Американски Држави. Од нив, три се родени во САД, додека Омар е со сомалиско потекло, но има американско државјанство.

Дебатата покрената за твитовите на Трамп продолжи да се одвива со тоа што претставниците во Конгресот се обвинуваа меѓусебно. Демократите беа разгневени поради решителноста на Трамп да стои зад кажаното.

– Колкава срамота е да се чуе како тој продолжува да стои зад навредливите зборови. Зборови кои тој постојано ги повторува. Зборови што се одвратни и расистички – изјави спикерката Ненси Пелоси.

За многумина, тоа беше тажен ден во кој правилата за ред и достоинство беа прекршени.

Претходно за време на дебатата се случи друг тензичен момент, во кој републиканецот Шон П. Дафи го привлече вниманието обвинувајќи ги конгресменките дека се „против САД“.

– Ги разгледавме објавените твитови и во нив не се споменуваат никакви имиња, ниту бојата на кожата на обвинетите. Но, зборовите на претседателот се однесуваат на конгресменките кои се против САД. А сите овде знаеме за кого станува збор – изјави Дафи.

Јавноста во САД е поделена откако Трамп ги обвини конгресменките дека, доколку не им се допаѓа во САД, треба да се вратат во земјите од кои доаѓаат, а кои се преполни со криминал и проблеми. Во неговиот последен твит, тој ги обвини дека се против САД, против Израел и поддржувачи на тероризам. Тој исто така рече дека треба да ја сакаат земјата, а не да работат против неа и да ја мразат. Сите четири конгресменки побараа, веќе импичмент на Трамп.

За време на гласањето на резолуцијата, само четворица републиканци застанаа на страната на демократите, Вил Хурд, Брајан Фицпатрик, Сузан Брукс и Фред Уптон. Независниот претставник Џастин Амаш исто така гласаше за резолуцијата.

Високите демократски законодавци очекуваат Пелоси или да ја поништи или да ја продолжи резолуцијата. Но, секоја опција би претставувала тежок глас за нејзината група, од која повеќе од 80 членови го поддржуваат отворањето на истрага за импичмент на Трамп. Нова постапка за импичмент беше побарана од демократот Ал Грин, кој поднесе посебна процедура со членови против Трамп во вторникот и чиј потег може да доведе до гласање при крајот на неделава.