Социјалната мрежа Твитер ќе ги брише пораките што поттикнуваат штетни активности, особено повикувањата за уништување на 5Г антените по теориите на заговор, кои велат дека оваа нова технологија е поврзана со ширењето на новиот коронавирус.

– Ги проширивме упатствата за непроверени обвинувања кои ги охрабруваат луѓето на штетни активности што можат да доведат до уништување или оштетување на 5Г инфраструктурата, или да предизвикаат општа паника, социјални движења или немири во големи размери – напиша тимот одговорен за безбедноста на таа социјална мрежа.

Како пример, Твитер ја цитира пораката „5Г предизвикува коронавирус… одете и уништете ги преносните антени во вашата област“.

По ширењето на ваквите пораки преку социјалните, беа нападнати неколку антени во неколку европски земји. Британската влада ја осуди „глупавата теорија на заговор“ кон средината на април.

Меѓу пораките што ќе бидат избришани од Твитер се оние што предизвикуваат паника, како што се „Националната гарда штотуку објави дека нема да има испорака на храна веќе два месеци, трчајте до продавниците што е можно поскоро и купете сè“.

Социјалните мрежи сега имаат сè повеќе иницијативи за ограничување на ширењето на лажни информации за пандемијата на ковид-19.

Твитер соопшти дека откако вовеле построги критериуми на 18 март, повлекле 2.230 пораки кои содржат лажни и потенцијално опасни информации.