Најмалку две лица загинаа, а два рибарски брода со 26-член екипаж се потопени во налет на тајфунот Молава во Виетнам, кој се смета за еден од најсилните во последните 20 години.

Ветрот со брзина до 150 километри на час усмрти еден човек, соборувајќи го од покривот додека се обидувал да го засили во провинцијата Куанг Нгаи во јужниот дел на земјата, објави АП.
Друг човек почина кога дрво падна врз него во крајбрежната провинција, објави официјалната виетнамска новинска агенција.
Морнарицата распореди два чамци за спасување во потрага по 26 рибари во близина на провинцијата Бин Дин, јави ВТВ.

Најмалку 40.000 луѓе од крајбрежните села се евакуирани во засолништа. Провинциските власти затворија канцеларии, фабрики и училишта и побараа од жителите да останат во затворени простори.

Најмалку пет аеродроми беа затворени кога тајфунот се приближуваше, а повеќе од 200 летови беа откажани.

Запрен е и железничкиот сообраќај, кој ќе биде обновен кога временските услови ќе го дозволат тоа, објави ВТВ.