Извештај, споделен со неколку европски новински агенции, наведува дека разузнавачката служба на Данска (ФЕ) ѝ помагала на американската Национална агенција за безбедност (НСА) во шпионирањето европски политичари, вклучувајќи ја и Ангела Меркел. Засега ниту ФЕ ниту НСА не ги коментираат ваквите наводи

Тајната служба на Данска (ФЕ) ѝ помагала на американската Национална агенција за безбедност (НСА) во шпионирањето европски политичари, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел, во периодот од 2012 до 2014 година, објави данскиот јавен радиодифузен Денмаркс радио, пренесе „Би-би-си“.
Според извештајот, разузнавачки информации биле собирани за политичари и функционери од Германија, Франција, Шведска и од Норвешка. Покрај Меркел, меѓу оние што биле цел на шпионирањето се споменуваат и тогашниот шеф на дипломатијата, Франк Валтер Штајнмаер, и лидерот на опозицијата, Пјер Штајнбрик. Слични обвинувања, потсетува „Би-би-си“, имало и во 2013 година. Тогаш Едвард Сноуден обелодени дека НСА го прислушувала телефонот на германската канцеларка, а Белата куќа не демантираше целосно, туку соопшти дека телефонот на Меркел во тој момент не се прислушува ниту, пак, ќе биде прислушуван во иднина.

Во новиот извештај, споделен со неколку европски новински агенции, се наведува дека НСА имала пристап до СМС и телефонските разговори на истакнати лица од Европа, на тој начин што во соработка со данската тајна служба се поврзала со данските интернет-кабли. Данскиот радиодифузер го објави истражувањето откако направил и интервјуа со девет извори за кои се тврди дека имале пристап до класифицираните информации на тајната служба.
Засега ниту ФЕ ниту НСА не ги коментираат ваквите наводи.
Данската министерка за одбрана Трине Брамсен, која на функцијата е од јуни 2019 година, за шпионирањето, наводно, била информирана во август 2020 година, наведува данското радио, а во изјавата за нив вели: „Систематското прислушување на блиските сојузници е неприфатливо“.