Рускиот претседател Владимир Путин, за време на посета на тврдина во Санкт Петербург, изјавил дека раководел со артилериски баталјон за време на советскиот период, што претставува детаљ за неговото загадочно минато, што досега не беше познат, пренесува „Гардијан“.

Путин го изјавил ова вчера, за време на посета на тврдината „Св. Петар и Павле“ во Санкт Петербург, каде што го активирал топот што пука во знак на пладневен поздрав, секојдневно, преку реката Нева.

– Станав поручник додека бев артилерец, како командант на артилериски баталјон со калибар 122 милиметри – рекол Путин за време на посетата.

На рускиот претседател од тврдината му честитале за „успешното“ пукање. Во официјалната биографија на Путин никаде не се спомнува неговата воена кариера, ниту кои воени чинови ги поседува.

Според Кремљ, Путин се приклучил на КГБ веднаш откако дипломирал на правниот факултет на Ленингратскиот државен универзитет во 1975 година. Тој поминал 16 години во Советската служба за безбедност, каде што стигнал до чинот потполковник пред распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Било задолжително сите физички способни студенти на Советските универзитети да минат низ воена обука, па Путин во својата изјава веројатно реферирал на тоа.

Откривањето на чинот на Путин се случува брзо откако беше откриена неговата стара идентификација од тајната полиција на Источна Германија во Штази архивите. Путин служел како КГБ офицер во Дрезден во 1980-тите. Од Кремљ ниту потврдуваат, ниту негираат дека Путин имал таква идентификација. Има многу оскудни информации дека тој работел во Дрезден, а се верува дека регрутирал странци кои работеле или студирале во градот.

За Путин се знае дека работел како разузнавач за време на неговите КГБ денови. Некои извештаи тврдат дека една од неговите должности вклучувала надзор на советски политички дисиденти, но оваа информација никогаш не е потврдено.