Седум Палестинци и едно израелско воено лице загинаа во неуспешно изведената тајна операција на израелските сили во Газа, што би можела да го наруши неофицијалното примирје помеѓу двете страни, пренесува „Гардијан“.

Израелски потполковник беше убиен, а уште еден припадник на воените сили е повреден во синоќешната операција во јужноисточна Газа. Ова е прв ваков упад на израелските сили по војната во 2014 година.

Хамас соопшти дека израелските сили се инфилтирале со цивилен автомобил, отворајќи оган врз група на оружени луѓе во близина на градот Кан Јунис. Борците на Хамас потоа се впуштиле во потера по возилото, во текот на која израелски авион истрелал повеќе ракети, во обид да им пружи поддршка на своите сили. Тоа резултираше со смртта на најмалку седум лица, вклучувајќи го и командирот на Хамас Нур Барака. Како одговор на отворениот оган, десетина ракети биле лансирани и од енклава контролирана од Хамас.

Израелските медиуми соопштија дека операцијата била за собирање информации, а израелските воени сили биле откриени поради технички дефекти.