Сите 12 деца спасени од поплавената пештера во северен Тајланд ќе бидат пуштени од болница во четврток, изјави денеска министерот за здравство Пијасакол Саколсатајадом.

Тој рече дека младите фудбалери и нивниот тренер заздравуваат физички и ментално, и ќе бидат отпуштени од болница во четврток на 19 јули.

– Треба да ги подготвиме децата и нивните семејства за вниманието кое ќе го имаат кога ќе излезат, истакна тој.

Последната група од децата беше извлечена во вторникот со што заврши ризичната операција за спасување спроведена од страна на меѓународни и тајландски спасувачи.

Децата и нивниот тренер беа спасени од поплавената пештера Там Луанг после 17 дена поминати во неа, откако на 23 јуни влегле да ја истражуваат. Спасувачката акција траеше три дена.

Тие ослабеле, но се во добра состојба, а лекарите соопштија дека групата добро се грижела за себе.