Талибанците го растурија протестот на неколку десетици жени во Кабул, кои се борат за своите права.

Според сведоците, Талибанците употребиле солзавец и бибер спреј за да растераат група жени кои оделе од мостот до претседателската палата, пишува Би -Би -Си.

Жените во Авганистан бараат право на работа и право на учество во власта, а Талибанците најавија дека ќе го објават составот на нивната администрација во наредните денови. Засега Талибанците објавија дека жените можат да бидат вклучени во владата, но не и на министерските позиции.

Жените во Авганистан стравуваат од враќањето на стариот талибански режим, кој беше на власт помеѓу 1996 и 2001 година и протестираа во Кабул и Херат.

Во меѓувреме, судирите во долината Паншир, северно од Кабул, продолжуваат.

Портпаролот на авганистанскиот фронт за национален отпор (НРФ) рече дека продолжуваат тешките борби и дека илјадници талибанци се опколени.

Долината Паншир, каде живеат околу 200.000 луѓе, беше центар на отпорот кога Авганистан беше под советска окупација во 1980 -тите и за време на претходниот период на владеење на Талибанците.

Лидерот на НРФ Ахмад Масуд ги пофали женските протести во Херат и рече дека Паншир продолжува да дава отпор.