Десетици луѓе загинаа во судирите помеѓу армијата и талибанците во Авганистан во изминатите 24 часа, соопштија властите во Кабул, додека САД се обидуваат да посредуваат во мировните преговори.

Осум припадници на авганистанските безбедносни сили загинаа во синоќешниот напад на талибанците врз контролен пункт во близина на руникот за бакар во провинцијата Логар. Талибанците нападнаа и неколку контролни пункта во провинцијата Сар е Пул, при што загинаа 11, а повредени се 19 војници.

Во судирите во Кандахар загинаа четворица припадници на безбедносните сили и 31 талибанец, а авганистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека ликвидирани се 20 талибанци во операција во Логар. Четворица цивили загинаа во експлозија во провинцијата Газни.

Договорот потпишан помеѓу САД и талибанците предвидува повлекување на американската армија од Авганистан, а авганистанската Влада се обврза да ослободи околу 5.000 талибанци од државните затвори. Талибанците, пак, треба да ослободат над илјада затвореници.