Талибанците се подготвени да воспостават односи со сите земји освен со Израел, изјави нивниот портпарол Сухаил Шахин.

Тој зборуваше откако екстремистичката група објави дека формирала нова влада во Авганистан.

Шахин вели дека талибанците се подготвени да соработуваат со САД, откако минатиот месец набрзина ја соборија 20-годишната влада, поддржана од Западот.

– Да, се разбира. Ако во новото поглавје Америка сака да има односи со нас, што би можело да биде во интерес на двете земји и на двата народа, и доколку сакаат да учествуваат во обновата на Авганистан, тие се добредојдени – рече Шахин.

Сепак, нема шанси да се воспостави врска со Израел.

– Се разбира, можеби немаме никакви односи со Израел. Сакаме да имаме односи со други земји, но Израел не е меѓу тие земји – изјави портпаролот на талибанците.

Минатиот месец Шахин ги изненади сите кога даде интервју за израелската јавна телевизија Кан, меѓутоа подоцна објасни дека интервјуто го дал без да знае дека разговара со некого од израелски весник.

Кога Шахин преку видео разговараше со новинарот Рој Каис на израелската телевизија, тој му го кажа името на својата мрежа, но не кажа дека се работи за израелска куќа.

Интервјуто брзо се прошири на интернет и предизвика изненадување што Шахин се согласил да разговара со Израелецот. Меѓутоа, неколку часа по емитувањето, Шахин на Твитер напиша дека не знал со кого разговара.

– Секој ден давам многу интервјуа за новинари по преземањето на Авганистан и главниот град Кабул. Можеби некои новинари се кријат, но јас не дадов интервју на никого што се претстави како израелски медиумски новинар – додаде тој.

Талибанците во вторникот назначија привремена влада, а меѓу членовите има неколку лица барани за тероризам.