Талибанците прогласија создавање Исламски емират Авганистан, четири дена откако го зазедоа Кабул од владата која уживаше поддршка од Западот и 102 години откако Британија се откажа од владеењето со земјата.

Официјалниот портпарол на талибанците, Забиула Муџахид, на Твитер објави создавање на нова држава – Исламски емират Авганистан, споделувајќи и слика на која знамето на емиратот е комбинирано со неговиот грб.

Декларацијата доаѓа помалку од една недела по падот на Кабул во рацете на исламистичката милитантна група, пренесува „РТ“.

Муџахид, исто така, порача дека основањето на Исламскиот емират Авганистан доаѓа 102 години откако Велика Британија се откажала од контрола над земјата.

Имено, 19 август се слави во Авганистан како национален празник во спомен на неговата независност од колонијалната сила.